Дали навистина ни претстои пеколно лето?

Летото 2025 година би можело да бележи рекордни горештини. Лето во кое натпросечно многу луѓе ќе умрат како последица на горештините – вклучително и во Европа, исто како и во 2003 година, кога Светската здравствена организација (СЗО) пријави околу 70 илјади смртни случаи поради топлината. Во Германија, според истражувачите од институтот „Роберт Кох“ и Германската метеоролошка служба, тогаш околу 7.600 луѓе починале како последица на пеколните температури.

Различни климатски модели, меѓу кои и на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, де факто со голема веројатност предвидуваат пеколно топло лето во оваа 2025 година. Од мај сè повеќе знаци навестуваат дека летото ќе биде особено сушно.

Атлантската топлина најавува пеколно лето
Прогнозите се совпаѓаат и со најновите наоди на Институтот за метеорологија „Макс Планк“ во Хамбург. Тамошните истражувачи открија дека неодамнешните екстремно топли лета во Европа често се навестувале дури три години претходно преку постојано високи температури во Атлантскиот Океан. „Кога во нашите модели гледаме дека Северниот Атлантик станува сѐ потопол во три последователни години, тогаш многу е голема веројатноста да има екстремно топло лето во третата година“, посочува Лара Валберг. Многу од минатите жешки лета очигледно биле условени и од долгорочното затоплување на Атлантикот, бидејќи морето е во постојана размена со атмосферата.

Подобри прогнози преку поголемо знаење
Во овој контекст Валберг и нејзиниот тим развија метод за дополнително подобрување на прогнозите за жешки лета во Европа. Валберг ќе можела да предвиди единаесет од жешките лета од 1960-тите години досега, доколку овие нови сознанија биле вклучени во климатските модели. Тоа важи и за пеколното во 2003 година.

Сепак неизвесности ќе имало дури и во тој случај, вели таа и објаснува дека „секако би било одлично да имаме квота на прецизност од 100 проценти. Но, на крајот има многу фактори кои може да условат екстремно топли лета. Тоа се забележува и по фактот дека многу научници во моментов предвидуваат оти летото ќе биде многу топло, но за тоа се потпираат врз различни процеси на физиката.“

Подобра подготовка благодарение на рани прогнози
Бидејќи атлантскиот феномен секогаш се појавува три години пред жешко лето, Валберг сега може да ги прогнозира жешките лета многу порано отколку порано. Тоа е особено важно за земјоделците, вели таа и додава дека „за нив е секако важно да знаат дали мора да се подготват за неуспех на земјоделските култури“ Врз основа на раните прогнози, земјоделците би можеле и да одлучат што всушност ќе одгледуваат таа година и да ги ограничат посевите на култури кои бараат обилно наводнување, како што е производството на пченка.

Добра подготовка за екстремни температури ќе станува сè понеопходна, и тоа не само во европскиот аграр. Ќе мора да има промени и во градовите за да се избегнат смртни случаи кои се последица на топлината. Бројот на лета со екстремни горештини во Европа се удвоени во споредба со прединдустриската ера. До крајот на веков таквата појава веројатно ќе стане нормална. Европа во моментов е континентот што најбрзо се затоплува.

Климатските модели постојано се подобруваат
Покрај истражувачите во институтот „Макс Планк“, илјадници научници ширум светот работат на континуирано подобрување на нивните климатски модели. Тие веќе сега се толку комплексни што само компјутери со високи перформанси може да ги процесираат. Климатските модели го претставуваат целиот Земјин систем, односно така да се каже – виртуелна планета Земја, и се напојуваат со огромни количества на податоци и равенки што ја претставуваат меѓусебната поврзаност на одредени појави.

Прогнозите на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, на пример, се базираат на еден од таквите глобални климатски модели. „Во него практично има целосен тродимензионален атмосферски модел“, објаснува Харалд Кунстман, професор по регионална клима на Универзитетот Аугсбург. Моделот ги пресметува движењата и поврзаноста меѓу океаните, копнениот дел, атмосферата и мразот и прогнозира за период од седум месеци однапред.

 

 

DW