Претседателството на Виктор Орбан со Советот на ЕУ завршува. Номинално, секогаш земја-членка на ЕУ го презема шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ, но во случајот на Унгарија може слободно да се каже дека претседаваше една личност бидејќи во унгарската владина политика исклучиво Орбан се слуша. Тој ги одредува темите, наративот и донесува одлуки, некогаш и до најситни административни процеси.
Така беше и за време на овогодинешното унгарско претседавање со Унијата кое започна на 1- ви јули 2024 година. Во тој момент веќе владееше одреден дипломатски замор од Орбан во Европа. Унгарскиот премиер беше заобиколуван при важни иницијативи и договарања особено за поддршка на Украина, заради неговата континуирана политика на вето – како предизвикувач на проблеми тој се наоѓаше на дипломатските маргини, а општото ниво на огорченост беше стивнало.
Шест месеци подоцна, може да се каже дека Орбан максимално го искористи своето шестмесечно претседавање со ЕУ со контроверзни изјави, настапи и иницијативи за повторно да го зголеми напливот на огорченост. Неговото подбуцнување против „бриселските бирократи“ достигна невидено ниво и кулминираше неколку дена пред крајот на претседателството со неславното тврдење дека „Брисел сака да ја претвори Унгарија во Магдебург“, камо што рече Орбан на сметка на ЕУ на 21 декември 2024 година за време на неговата традиционална предновогодишна меѓународна прес-конференција.
„Мировната мисија“ на Орбан
Земјата која претседава со ЕУ треба, барем така стои на хартија, да промовира добра, хармонична соработка меѓу земјите-членки и институциите на ЕУ. Претседавачот треба да обезбеди континуитет на агендата на ЕУ и да го унапреди законодавството на ЕУ. Може да поставува приоритети, но не треба да следи сопствени интереси, туку да дејствува во интерес на заедницата на држави од ЕУ.
Унгарија формулираше приоритети за своето претседавање со Советот, вклучително и зајакнување на конкурентноста на ЕУ, подобра политика за проширување кон Западен Балкан и спречување на илегалната миграција. Но, Виктор Орбан го искористи претседавањето со ЕУ првенствено за својата политика. На пример веднаш на почетокот, за недоговорена дипломатска иницијатива за ставање крај на „словенската братоубиствена војна“, како што ја нарекува тој војната на Русија против Украина. Четири дена по почетокот на претседавањето со Советот, тој отпатува за Москва и го посети рускиот претседател Владимир Путин без притоа да се координира со ЕУ и НАТО. Орбан зборуваше за „мировна мисија“. Три дена претходно тој беше на прва билатерална посета во Киев. Очигледно ни таму не знаеле ништо за планираната посета на Орбан на Русија.
Западот како „војсководец“
„Мировната мисија“ предизвика негодувања и неверување бидејќи Унгарија практично нема дипломатска тежина на меѓународно ниво и барем за Украина не е прифатлив посредник, зарадидолгогодишниот тврдокорен антиукраински и проруски став. Дури и во рамки на НАТО, Унгарија поради нејзиниот проруски став веќе не се смета за партнер на кој може да се потпрат. И покрај тоа Орбан ја продолжува својата „мировна мисија“, па пред само неколку дена, по телефонски разговор со Путин, тој предложи „божиќно примирје“ и голема размена на затвореници.
„Мисијата“ беше постојано придружувана со обвинувања на сметка на „воинствениот Запад“, кој според Орбан, е вистинскиот вин
овник за војната. Истовремено унгарскиот премиер постојано го фали поранешниот и иден американски претседател Доналд Трамп како „човек на мирот“ и „единствениот на планетата“ кој е во состојба да стави крај на војната во Украина.
МЕГА: „Направете ја Европа повторно голема“
Виктор Орбан на самиот почеток на претседателството го почна и неговиот втор важен проект, кој во духот на Доналд Трамп се вика „Make Europe Great Again“, скратено МЕГА, а се состои од основање на десно-националистичка популистичка фракција „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент. Од јули 2024 таа е трета најсилна парламентарна фракција и во неа членуваат најважните европски десни популисти, меѓу кои и Фидеш на Орбан, француската Ресемблемон насионал, холандската Слободарска партија и австриската ФПО.
Оваа интернационала на националисти застапува анти-мигрантски и суверенистички позиции. Самиот Орбан зборува дека мора да се „освои Брисел“ за да се спаси Европа од распад и пропаст. Во реалноста Орбан изгледа сè помалку заинтересиран за каква било заедничка Европа. Во изминатите месеци за Унгарија тој сè повеќе го пропагира концептот на „политика на економска неутралност“ за Унгарија.
Критика за „формирање на економски блок“
Ова е повеќе од само продолжение на „отворањето кон исток“, како што се викаше унгарската економска политика пред неколку години. Орбан ја критикува ЕУ за нејзиното „формирање на економски блок“ и е убеден дека Европа во нејзината сегашна форма не може да опстане во глобалната конкуренција. Тој ги гледа Азија и земјите од БРИКС како идни геополитички центри и верува дека тие како економски посилни ќе ги поставуваат правилата. Иако Орбан постојано го критикува Западот на морална и идеолошка основа, тој се залага за тоа Унгарија како мала земја да одржува добри односи, без идеологија, со светските економски и центри на моќ, особено со Кина и Русија. Покрај тоа, сака добри односи со Турција, Белорусија, Израел, Србија, Северна Македонија, Албанија и некои земји на Блискиот Исток – сите се кои имаат лидери слични на него.
„Мала Унгарија е недоволна“
Во нов светски поредок – низ призмата на Орбан – се чини дека тој веќе не ја исклучува ревизијата на поствоените граници на Европа. Тој постојано навестува дека таква ревизија би можела да биде и во корист на Унгарија и дека човек мора да е подготвен на тоа, како на пример во јули 2024 година за време на неговото програмско обраќање во Туснад, Трансилванија, во кое ги скицираше своите визии за развојната политика за следната деценија. „Големата унгарска стратегија“ не смее „да се темели на Мала Унгарија“, туку мора да ги „вклучува сите области населени со Унгарци“. „Само Мала Унгарија како рамка е недоволна“, порача тогаш Орбан.
На крајот на 2024 година Унгарија ѝ го предава на Полска претседавањето со Советот на ЕУ. Земјата беше близок политички сојузник додека гласачите есента 2023 година не ги симнаа од власт десничарските популисти. Односите меѓу двете земји во моментов се на историски најниско ниво.
Дека Унгарија и Полска во моментов ги делат светлосни години, беше очигледно и на Божиќ. Орбан во божиќното интервју за провладиниот весник „Маџар Немзет” го опиша рускиот диктатор Владимир Путин, кој се бара со меѓународна потерница заради воени злосторства, како „наш коректен партнер“. Полскиот премиер Доналд Туск беше запрепастен и во објава на платформата Х потсети на неодамнешно руско воено злосторство – на Бадник и на првиот ден Божиќ, Русија со десетици ракети и дронови бомбардираше згради во Кривиј Рих, родното место на украинскиот претседател Зеленски, како и енергетски постројки ширум цела Украина.
DW