Дали укинувањето на динарот имаше „позитивен ефект“ врз косовскиот финансиски систем?

Регулативата на Централната банка на Косово платежните трансакции да се одвиваат исклучиво во евра не ја исполни својата цел, бидејќи динарите продолжуваат да циркулираат во српските области на Косово, а приходите од буџетот на Србија не се претвораат во евра, заклучува професорот по економија на Универзитетот во Приштина, Мејди Бекташи.

„Таа уредба беше избрзана одлука. Политичка одлука на оваа влада“, смета тој, додавајќи дека прашањето за укинување на динарот требало да се реши со дијалог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската Унија.

Тоа укажува дека и една година по донесувањето на уредбата за укинување на динарот, нема договор за трансфер на пари во кои би имала увид Централната банка на Косово.

Гувернерот на Косово, пак Ахмет Исмаили, коментирајќи го овој указ на годишната конференција минатата недела, рече дека тоа има „позитивен ефект“ врз целиот финансиски сектор, дека има „обединување на секторот и прекин на незаконското финансирање“.

Уредбата за укинување на динарот како платежно средство беше донесена на крајот на декември 2023 година и стапи во сила на 1 февруари 2024 година.

На оваа уредба бурно реагираа припадниците на српската заедница кои добиваат различни приходи од српскиот буџет во динари, а беше критикуван и од меѓународната заедница со образложение дека може да има негативни последици за малцинските заедници.

Профeсорот Бекташи посочува дека единственото нешто што се променило во изминатата година е тоа што косовските граѓани од српската заедница мора да одат во Србија за да го подигнат своите приходи во динари.

„Приодот на транзиција требаше да има смисла, Централната банка на Косово и Народната банка на Србија да постигнат договор за претворање на динарите во евра и да обезбедат проток на пари за пензионерите и другите кои примаат приходи во динари“, посочува тој.

 

 

 

slobodnaevropa.mk