Двајца од повредените кои се лекуваат во Бугарија почнаа да се движат, МЗ со најнови информации за сите пациенти

Од вкупно 178 повредени, во јавните здравствени установи во државата во моментот се третираат 64 пациенти, кои се во релативно стабилна состојба, во приватните здравствени установи се лекуваат 13 пациенти, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри.

Во Австрија од вкупно шест пациенти кои беа на интензивно лекување, еден пациент е префрлен на оддел, а другите се во потешка, но стабилна состојба.

Во Литванија четворица пациенти се уште се на интензивно лекување, кои се во стабилна состојба во моментот.

Во Србија, од вкупно 30 пациенти, 11 се интубирани во потешка општа состојба, а останатите се стабилни.

Во Бугарија се хоспитализирани вкупно 15 пациенти, од кои седум се интубирани и 6 оперирани, со стабилна хемодинамика, а двајца почнуваат од денес да се движат.

Во Словенија во УКЦ Љубљана се хоспитализирани двајца пациенти, кои се во потешка здравствена состојба, со благо подобрување од вчера.

Во Грција од вкупно 12 пациенти, двајца се критични, но стабилни во моментот, тројца од нив се оперирани. Утрово се пристигнати и нови пациенти во Атина, кои се хоспитализирани и се под опсервација.

Во Белгија и во Италија се хоспитализирани по 4 пациенти и сите се стабилни.

Во Хрватска се хоспитализирани двајца пациенти во тешка општа состојба, но стабилни, а за пристигнатите тројца нови пациенти во тек се дополнителни иследувања.

Исто така, во Полска се на лекување двајца пациенти, од кои едниот е екстубиран, а другиот е на интензивно лекување.

Денес се во тек подготвителни активности за транспорт на двајца пациенти за Шведска.

Упатуваме благодарност до медицинските тимови од странство, кои со својата стручна експертиза, заедно со нашите здравствени работници заеднички и посветено се грижат за повредените пациенти во нашите здравствени установи. Благодарност и за поддршката од сите општествено одговорни компании.

 

4news.mk