Деведесет отсто од дрогата во Македонија е нечиста, кокаинот се меша дури и со стакло од мелени неонки, а хероинот и со отров за глувци

Деведесет отсто од дрогата што се дила во Македонија е нечиста, кокаинот се меша дури и со стакло од мелени неонки, а хероинот и со отров за глувци и бетон, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР) и додаваат дека од тоа има и смртни случаи, пишува СДК.мк

Не постои ниту организирано информирање, предупредување и алармирање, ни од МВР ниту од здравствените власти, дека во земјава се дила опасна дрога.

Меѓу запленетите наркотични дроги во земјава МВР во 90 отсто открива замешани супстанции. Хероинот, во најголем број случаи, е помешан со други супстанции, додека кокаинот се сретнува и во чиста и во мешана форма. Во дрогата се додаваат различни видови медикаменти (седативи, аналгетици, антипиретици и слично), анестетици, прехрамбени продукти (шеќери, скроб, кафе, какао и слично).

„Поголемиот дел од дрогата што се запленува при влез во земјава е чиста со висок процент на чистота и квалитет, но откако ќе се дистрибуира меѓу дилерите истите најчесто ја мешаат со цел зголемување на масата и поголема заработувачка, а со тоа животозагрозувачките супстанции се зголемени. Мешањето на дрогата се врши најчесто во приватни објекти, скривалишта, депоа“, ни рекоа од МВР.

 

 

sdk.mk