Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од Помошникот на министерот Ивица Станковски – раководител на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, учествуваше на регионалната конференција што се одржа на 23 и 24 април во Тирана, Албанија.
Конференцијата беше посветена на јакнење на интегритетот и транспарентноста во безбедносните институции. Освен размената на искуства со делегати од Албанија, Косово и Црна Гора, активно учество зема и норвешкиот експерт Кјетил Нилсен од Норвешкиот центар за интегритет во одбранбениот сектор.
Акцентот беше ставен на примената на современа технологија во рамките на Одделот за внатрешна контрола, која значително придонесува во откривање, документирање и ефикасно постапување по случаи на непрофесионално однесување, злоупотреба на службена положба и повреда на човековите права. Технолошкиот напредок има сè поголемо влијание врз општествениот и економскиот развој, што пак се одразува и на начините на кои се спроведуваат контролни механизми и се обезбедува законитоста во работењето.
Министерството за внатрешни работи останува посветено на професионализација, дигитализација и постојано унапредување на полициските стандарди во интерес на граѓаните.