Задушници се деновите во кои според народните верувања душите на покојните претци и блиски доаѓаат од оној свет кај своите блиски барајќи од нив храна, пијалак, затоплување, чистење (капење) итн. Се верувало дека заборавањето на душите на покојните може да предизвика суши, поплави, немаштија, болести и други несреќи.
Кај народот постојат две примарни (пролетна и есенска) задушници, но задушниците порзани со Духовден се официјално признати од црквата, па биле прифатени и од народот.
Ваквата средба со душите на починатите се обавувала на гробовите со палење на свеќи, кадење на гробот, посипување на вино врз него, кршење на орев како хтоничен плод со кој се повикуваат душите на средба, со обредни лепчиња, со раздавање на храна и ритуален оброк заедно со мртвите.
Во православната црква, празникот Задушница секогаш паѓа во саботата. Тогаш, верниците ги посетуваат гробовите на своите најблиски, таму држат помен и делат храна за душа на умрените. Притоа, во секоја црква се служи литургија за упокоените.