До крајот на денешниот ден во Македонија ќе имаме променливо време, на повеќе места со повремени врнежи од дожд. Ќе биде претежно тивко и без некој изразен ветер. Локално пак, особено во западните и во северните предели врнежите ќе бидат поројни и со услови за појава на грмежи.
Во Скопје денес (петок 28 февруари) ќе има повремен дожд, а во делови од котлината можно е да има поројни врнежи, проследени со ретки грмежи.
Што се однесува до температурите на воздухот, тие ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 16 степени, што значи дека тие ќе бидат натпросечно високи за овој период од годината. Во Скопје максималната дневна температура на воздухот денес ќе се искачи до околу 15 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.