Продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски.
Денеска во Основниот Кривичен суд, според најавите, по сослушувањето на Велибор Манев кое е предвидено да заврши со прашања од Судот, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.
На изминатото рочиште беше сослушуван Велибор Манев, еден од обвинетите, кој рече дека за грабнувањата ги координирал Љупчо Палевски Палчо.
Тој додаде и дека Вања била киднапирана по грешка, односно требало да грабнат жена на 38-40 години и се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете.
Сепак, како што кажа, сметал оти требало да извршат само грабнувања и се изненадил кога Палчо ги застрелал Вања и Панче.
Тој тврдеше и дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не е вмешан во случајот.
Инаку, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
4news.mk