Едни на улица, други на скара, трети по дома. Одбележувањето на Денот на трудот ги отслика поделбите во синдикалното делување како никогаш досега. Надежите дека синдикатите барем денеска ќе се сплотат во делувањето пропаднаа уште во стартот на најавата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој не доби поддршка во повикот за протестен марш. Од ССМ по вторпат за неполн месец протестно ќе маршираат пред Собранието, коморите и Владата за да порачаат дека не отстапуваат од барањето за 500 евра минимална плата. И овојпат без придружба на Конфедерацијата на слободни синдикати, која останува на ставот дека предизвиците треба да се решаваат преку социјален дијалог:
„Синдикатите во Македонија имаат многу причини да излезат и да протестираат, а не да прославуваат. Имаме можност да покажеме дека сме тука за работниците“, порача претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Барањата на ССМ, според него, не започнале вчера, ниту ќе завршат утре. Протестот, вели Трендафилов, е начин на 1 Мај да изразат незадоволство од висината на платите што ги примаат работниците во државата кои се најниски во регионот и пошироко.
Првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати сепак останува на ставот дека проблемите треба да се решаваат на маса низ дијалог:
„Всушност, секогаш решавањето на проблемите на крајот доаѓа на маса, низ социјален дијалог. Сега велиме дека имаме добар социјален дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме 1 Мај. Кога ќе почувствуваме дека ќе бидат загрозени нашите права или ќе бидеме дискриминирани, тогаш, бидете сигурни, нема да го чекаме 1 Мај, туку веднаш ќе излеземе на протест“, изјави Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Поделеноста е клучен проблем
Синдикалната битка очигледно е далеку од извојувана, но она што и натаму боде очи е поделбата во делувањето, што отвора дилеми колку сето ова е во интерес на работниците. Упатените се загрижени и предупредуваат дека поделбите и неединството ја прават битката залудна:
„Ова што се случува е веројатно најлошиот период во 117 години постоење македонски синдикализам, кој датира уште од 1908 година. На сите треба да им биде јасно дека секоја Влада сака раздвоени синдикати бидејќи тогаш таа може да манипулира со нив, да не се исполнуваат и извршуваат нивните барања. Вакви синдикати кои се раздвоени, меѓу кои и еден ССМ, кој сега не знае дали ќе има репрезентативност, кажува многу. Најпрвин за тамошното раководство, за неуспесите во сиве овие години и резултат на тоа е дека членството ја губи довербата во нив и таа се намалува секојдневно. Очигледно е дека оваа гарнитура и во ССМ и во овие таканаречени независни, самостојни синдикати, нема капацитет да собере народ што е клучен предуслов да се извојува секое барање. И тука е клучниот проблем“, коментира Ванчо Муратовски, поранешниот претседател на ССМ.
Слабо лидерство
Проблемот во синдикализмот, според него, не е од вчера, туку трае со години. Главно поради притисоците на политиката и бизнисот, но доминантно поради некадарноста на синдикалното лидерство:
„Секоја организација најмногу зависи од оној што е на чело. Очигледно дека во последните 15 години се променија два или три претседатела кои не направија ништо освен празни зборови, прес-конференции, млаки протести. Ниту од далеку не видовме да се собере членство како што тоа се правеше на времето, да се соберат 50, 60 илјади членови на плоштадите. Тоа јасно покажува дека раководствата немаат поддршка и дека се потребни коренити промени“.
Здружување наместо омраза
Првиот чекор кој би ги расчистил маглите и обвинувањата за политичка поврзаност на едните или другите, според Муратовски, е синдикалното здружување:
„Без оглед на нивната омраза која е очигледна, овие синдикати не треба да се прават големи синдикалци и да се појавуваат и мавтаат со празни фрази, туку треба да се соберат, да немаат големо его и да се договорат кој ќе биде водечки синдикат. Да ги поделат ресорите, условно би рекол, оти како е во владата со ресори, така е и во синдикатите. Само така и со масовно излегување на протести на улица ќе може да се надеваат дека властите ќе реагираат. Во таков случај власта исполнува дури и нешто што не се бара. Овде се прават приказни дека ќе се направи нешто само на модерен начин, со столчиња пред влада или со дијалог на маса. Но искуствата секаде во светот се поинакви. Така можат само да зборуваат до бескрај и повторно да нема резултати и уште сто години нема да имаме вистински синдикализам“, коментира Муратовски.
DW