Десет лица се повредени поради експлозија на рачна бомба на сточниот пазар во градот Призрен на југот на Косово.
„Петмина од повредените се префрлени во Универзитетскиот клинички центар на Косово во Приштина, додека другите се пуштени од болница“, изјави началникот на итната помош во Регионалната болница во Призрен, Хекуран Вечгишти.
Тие се префрлени во болница поради повреди на градниот кош и вратот, како и поради тоа што во болницата во Призрен нема торакален хирург, рече Вечгишти.
Во меѓувреме, портпаролот за информации на Регионалната полиција во Призрен, Весел Гаши за Радио Слободна Европа изјави дека се идентификувани три лица осомничени за нападот и полицијата трага по нив.
„Околу 4 часот и 50 минути полицијата добила информација за случај на повреда на сточниот пазар во Призрен. Според првите информации, постојат сомневања дека од експлозија на рачна бомба се повредени девет лица“, рече Гаши.
Засега не се познати причините за инцидентот.
Повредените се пренесени во Ургентниот центар на Регионалната болница во Призрен, каде им била укажана лекарска помош.
На местото на инцидентот пристигна и регионалната истражна единица на Призрен за да собере докази за случајот.