Дескоска: Очекувам Уставен суд да го поништи Упатството за матични книги во кое има графа за националност

Професорката по уставно право и политички систем, Рената Дескоска која е и поранешна министерка за правда, смета дека одлуката на Уставниот суд да го преиспитува новото Упатство за матични книги во кое има графа за националност, а кое го потпиша новиот министер за правда, Кренар Лога, е добра вест и таа очекува тоа да биде поништено.

Професорката објаснува дека сензитивните податоци за етничката припадност, религијата, политичката припадност, сексуалната ориентација не смеат да се најдат во документ, туку само во матичната книга, затоа што Македонија е потписник на неколку меѓународни документи за заштита на податоците.

Етничката припадност спаѓа во групата на „сензитивни“ податоци кои подлежат на посебна заштита согласно правилата за заштита на лични податоци. Други такви податоци се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и сл. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој Протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за нас, пишува Дескоска.

извор:ФБ Рената Дескоска