Во Македонија најмладото дете корисник на дрога е на возраст под пет години, откри денеска Васка Бајрамовска-Мустафа од Одделот за правата на децата при Народниот правобранител.
Според податоците од 30 институции кои ги обезбедил Омбудсманот преку Министерството за внатрешни работи, во 2023 година и првата половина од 2024 година евидентирани се 130 деца кои употребуваат дрога. Бајрамовска-Мустафа алармира дека возрасната граница на децата-корисници на дрога е драматично намалена, а државата не располага со ниту една специјализирана институција за лекување или рехабилитација.
Најчесто користени дроги меѓу децата се марихуана, амфетамини и екстази, а забележани се случаи и на кокаин и хероин.
Бајрамовска-Мустафа посочи и дека воспитно-поправните домови не обезбедуваат никаков соодветен третман за зависниците, кои се оставени сами на себе.
„Според информациите од Воспитно-поправниот дом Тетово во Волковија, таму има деца и младинци зависници од хероин, но домот нема капацитети за одвикнување. Персоналот не е обучен, па зависниците се принудени кризите да ги поминуваат преку спортски активности“, рече Бајрамовска-Мустафа.
Дополнителен проблем е што Домот за штитеници нема право да користи метадонска терапија, а не постојат јасни упатства за постапување за време на кризните состојби на децата.
4news.mk