Државниот завод за ревизија укажува дека сè уште не е завршена дигитализацијата на матичните книги и покрај тоа што започнала пред повеќе од една деценија и во неа се вложени над 520 милиони денари.
Скенирани се 52 проценти од записите во матичните книги, а внесени во електронскиот матичен регистар се 49 проценти од записите. Ваквиот степен на реализација, како што соопшти денеска ДЗР, не овозможува поедноставување и забрзување на услугите за граѓаните, ниту пак, доведува до подобрување на квалитетот на податоците што ги користат надлежните институции согласно своите законски надлежности.
Според ДЗР, недостигот на јасна стратегија, контролни механизми и квалификувани човечки ресурси, го оневозможуваат подобрувањето на услугите за граѓаните и го зголемуваат ризикот од злоупотреби на лични податоци и губење на архивскиот материјал од трајна вредност.
„Утврдено е дека поголемиот дел од ангажираните лица не извршувале активности поврзани со внесување на податоци во електронскиот матичен регистар, туку биле ангажирани во извршување на други работни задачи за што исплатени се средства во износ од 30 578 илјади денари“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија од извршената ревизија на информациски системи.
Со ревизијата утврдено е дека Управата нема обезбедено соодветни услови за сместување на матичните книги и чување на архивскиот материјал од трајна вредност и на документарниот материјал за истиот да не се оштети, исчезне или уништи.
slobodnaevropa.mk