ДИК: Досега 17 приговори за парламентарните избори, за претседателски нема

Досега до Државната изборна комисија (ДИК) пристигнале 17 приговори за парламентарните избори кои се однесуваат на постапката за сумирање на резултатите, а за претседателските ниту еден, објави slobodnaevropa.mk.

„Приговори за постапката за сумирање на резултатите за парламентарните избори има поднесено од коалицијата ВЛЕН – 9 и од коалицијата ’Твоја Македонија‘ – 8. Приговори за постапката за сумирање на резултатите за претседателските избори досега нема“, изјави за МИА портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска.

Роковите за поднесување приговори за сумирањето резултати за претседателски е до 22:30 часот, а до 23:30 часот е за парламентарните избори.

Претходно, во 19 часот истекоа роковите за остварување на избирачкото право, но за тоа не се пристигнати приговори.

Во меѓувреме, ДИК за утре (11 мај) закажа седница за објавување на конечните резултати од претседателските избори.

Ако не се поднесат приговори за сумирањето резултати, што не се очекува да се случи, Државната изборна комисија ќе го достави извештајот од утрешната седница до Собранието.

Од кабинетот на претседателот на парламентот, Јован Митрески, најавија дека откако ќе го добијат извештајот, за в недела (12 мај) ќе се закаже собраниската седница за инаугурација на новата претседателка Гордана Сиљновска Давкова.

Сиљановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори на 8 мај освои 561.000 гласа со што го победи противкандидатот и актуелен претседател Стево Пендаровски за кого гласаа 251.899 граѓани.

На парламентарните избори, пак, победи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и освои 58 пратенички места во 120-члениот парламент, покажаа првичните резултати од ДИК.

СДСМ и Коалицијата за европска иднина освоија 18 мандати, а Европскиот фронт предводен од ДУИ 19.

Албанската опозиција обединета во коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН), пак, доби 13 пратенички места, а по шест добија Левица и ЗНАМ.

извор:slobodnaevropa.mk