Димитриевски во „Само Вистина“: Има фотографии дека лица од СДСМ се сретнале со Груевски и му нуделе амнестија за да помогне за уставни измени

Зоран Димитриевски, поранешен заменик министер од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, кој потоа поднесе оставка од таа функција, а кој на јавноста и е познат како новинар и колумнист, вчера шокираше со своја изјава дадена за емисијата Само Вистина на Канал 5 телевизија.

Тој имено, тврди, дека од СДСМ неодамна биле испратени лица на средба со екс премиерот Никола Груевски, кој сега е азилант во Унгарија, со цел да му се нуди, како што вели Димитриевски, амнестија нему и за негови блиски луѓе, во замена да се обезбедат пратеници за да поминат уставните измени во земјава, со кои Бугарите би влегле во македонскиот Устав.

Тој вели дека тие средби биле снимени и за нив има фотографии.

„Идејата е дека 80 пратеници немаат. Се обидоа со сите можни трикови, беа дури и во Будимпешта кај Груевски. Има снимено средби, фотографии, на која средба барале помош од Груевски за обезбедувбање пратеници. Лица биле испратени од СДСМ, да преговараат со Груевски, со цел за обезбедување аменстија за него и за некои негови луѓе, за да обезбеди одреден број пратеници“, изјави Димитриоевски во емисијата.

Според него, таквата идеја била одбиена од Груевски.

„Без оглед какви се неговите моментни односи со лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, тој одбил да биде дел од подземни игри за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени. Ова можам да го кажам авторитетно и со информации што ги имам од теренот. Постојат фотографии од средбата со Груевски на луѓе кои што се испратени од СДСМ“, нагласи Димитриевски, познат во јавноста и како Жоро.

извор: faktor.mk