Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за Радио Слободна Европа потенцираше дека за предвремените избори во земјава одлучува мнозинството во Парламентот.
„Моето субјективно мислење е дека секои избори се тест за демократијата во државата и потребно е час поскоро оваа власт којашто лошо работи, лошо менаџира со државата да си оди и да дојдат одговорни луѓе со јасен концепт, визија, како чесно и достоинствено ќе ја придвижат Македонија да тргне напред, бидејќи ние сме држава во којашто во континуитет стагнира, а за жал сме сведоци дека секојдневно расте криминалот, корупцијата, злоупотреба на позиции, јавни функции, само себе наградување на поединци на власта и едноставно, државата функционира како приватно акционерско друштво во коешто ДУИ е главниот менаџер, а придружниот елемент на власта се моите поранешни сопартијци од редовите на СДСМ. Зборувам за функционерите или политичката елита којашто ја води оваа партија, а инаку што се однесува до членството се прекрасни луѓе коишто за жал не можат да добијат шанса“, рече Димитриевски.
На прашањето на што ги основа ваквите тврдења, Димитриевски ги истакна како пример сите стратешки проекти на државата и последниот случај со Бехтел и Енка.
„Погледнете ги сите стратешки проекти на државата и последниот случај со Бехтел и Енка, и дополнително сите вложувања коишто се распоредуваат во државата се резултат на волјата на партнерот во власта ДУИ којашто владее со оваа држава повеќе од 20 години и покажува во јавноста дека е незаменлива, законот не важи и за жал создава фрустрации во општеството кадешто многумина веќе, особено припадници на македонската етничка заедница велат дека се чувствуваат како да живеат во апартхејд. Ако секоја држава во светот има мафија, ја мислам дека Македонија се доведе самата себе си да е држава контролирана од мафија. Значи, мафијата ја поседува оваа држава. Тоа ние го чувствуваме на локално ниво со градежната мафија којашто е во невидена експанзија, во следниот период се подготвувам да обелоденам многу информации во јавноста. Дополнително, злоупотреба на државните институции како што е МВР во делот на взаемно политичко прекусурување. Ако тоа во минатото во периодот на Груевски беше МВРО сега тоа е МВРО со две „о“ на чело со Спасовски, кадешто секојдневно живееме така како што живееме. Ако не сте послушни, ќе се соочите со лажна анонимна кривична пријава против вас и отворање на 10 истраги во еден момент. Наместо да се трошат ресурсите суштински да се сузбива криминалот, всушност вие ги трошите ресурсите, сите тие инспекциски служби коишто доаѓаат во контрола ги плаќаме ние на работи коишто однапред се знае дека не постојат елементи на било какво сторено кривично дело“, посочи Димитриевски.
Тој изјави дека МВР се користи за реваншизам, а се користел и во периодот на избори, особено во Куманово.
„Вие бевте сведоци на сето тоа. Го гледавте и во јавноста и ден денеска се користи во една скриена форма. Ако може една општина во еден ден да добие 9 истраги за наводни сторени кривични дела по член 353 (кривични дела против службена должност). Замислете, па зарем толку многу сторители имаме по член 353. Криминалот во оваа држава е во власта, во највисоките нивоа на власта. Дајте да тргнеме да го провериме прометот на парите, каде тоа се трансферираат парите, кој инвестира во државата, како тоа одредени политичари преку квази поединци станаа најголемите сопственици на капитал во државата додека бизнисот во континуитет стагнира. Бизнис заедницата е запоставена во општа стагнација. Единствено тие кои го зголемуваат капиталот во државата се поединци блиски до власта или директно политичарите“, рече Димитриевски.
Во интервјуто, градоначалникот Димитриевски информираше дека во септември, октомври ќе биде регистрирано главното движење во Скопје кадешто ќе се излезе со целосен концепт на здружението и ќе се покаже кадровскиот потенцирал.
„Некаде септември, октомври ќе го регистрираме главното движење во Скопје кадешто ќе излеземе со целосниот концепт на нашето здружение и ќе го покажеме и моменталниот кадровски потенцијал којшто навистина е можам да кажам составен од луѓе кои се докажани во своите професии, но и дополнително луѓе кои не влечат никакви политички опашки и опашки во јавниот живот во државата. Успешни луѓе од својот сегмент на работење и делување. Отворени сме за сите, и за социјалдемократи, и за припадници на ВМРО, и за луѓе коишто биле во други политички партии. Буквално, сме отворени за соработка со сите, нема простор единствено за оние кои се одговорни за состојбата во којашто Македонија се наоѓа денеска“, потенцираше Димитриевски и додаде дека не може да генерализира дека нема соработка со сите институции, но потврди дека имаат голема опструкција во дел на комуникација со одредени државни институции, блокада во одредени постапки, несоодветен пристап, недобивање на одговори, согласности, финансирање и делење на буџет.
Тој спомена дека Македонија како држава не се децентрализира, туку се централизира секојдневно и час поскоро е потребно да доживееме суштинска децентрализација за да може власта да се практикува практично таму кадешто е најпотребна, на локално ниво.
„Ако пред 20тина години, токму голем број на членовите од ДУИ дојдоа со пушка на власт и влегоа во законодавната власт со одреден број на освоени мандати, потоа се имплементираа во извршната власт, денеска гледаме како чекор по чекор ја заземаат судската власт, обвинителството, судот, сите оние афери во делот на поставување на судиите, избор. Како тоа одеднаш членови на семејства на врвни политичари во државата станаа експерти за право, поминаа, завршија Академии станаа судии итн. Па, зарем во оваа држава не постојат други млади и еминентни едуцирани лица коишто можат да ги вршат тие работи“, рече Димитриевски.