Секојдневно гранковите синдикати најавуваат штрајкови и протести. Од една страна се постигна договор за минималните плати, а од друга страна гранковите синдикати и други синдикати најавуваат протести со други барања.
Со порастот на минималната плата треба да се усогласат сите плати. Сега на ред се гранковите синдикати кои бараат тоа зголемување да се спроведе. За тоа скалесто зголемување треба да се испреговара со работодавачите. Според законот, работодавачите се должни тоа усогласување да го спроведат во рок од 6 месеци. И тоа се одолговлекува иако ние како работници сме во тешка состојба бидејќи веќе има голема инфлација. Ние бараме да не се тактизира, да го задржиме работникот во Македонија, а не да градиме туѓи економии, вели Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија заУтрински брифинг.
Димовски вели дека во континуитет се разговара меѓу социјалните партнери и заклучокот на ССМ е предлогот да се покачи платата линеарно. Односно ако на најниската плата има покачување од 2.800 денари тогаш на сите да им се покачи платата на 2.800 денари, објаснува Димовски додавајќи дека тоа за оваа година би било издржливо.
Можам да кажам дека на 7 и 8 април УПОЗ ќе имаат штрајк, а денес ќе имаме прес-конференција со синдикатот на Пошта чиишто плати се несоодветни односно има урамниловка на платите само со зголемувањето на минималната плата. Околу 3,6 милиони евра би бил трошокот на Владата за зголемување на платите на јавната администрација, вели Димовски.
Од СОНК бараат 18,4 отсто зголемување на платите, но Димовски вели дека не учествува во тие преговори.
ССМ во новиот состав сѐ што бара е она што се синдикални преговори во полза на работниците за она што ни следува како на работници.
Кај нас нема расипани работи, а тоа другата страна во преговорите го препознава. Ние сме аполитични, седиме и со опозиција и со позиција. Ние работиме праволиниски во полза на работникот. Не повикуваме на поврзување со никоја политичка партија, вели Димовски.