Бојан Христовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, добил позитивно мислење и сертификат за пристап до тајните на НАТО, објави МКД.мк повикувајќи се на извор во Дирекцијата за безбедност на класифицирани податоци.
Ова значи дека во иднина тој ќе може да располага со сите доверливи информации на Алијансата.
Вообичаено, процесот за проверка на подобноста за добивање на пристап до НАТО тајните го води централата на НАТО и низ него длабински се проверува подобноста на кандидатот.
МКД.мк објавува дека, согласно методологијата, проверени биле и скандалите кои за Христовски ги објавуваше опозицијата и некои медиуми. Во македонската јавност актуелен беше случајот со сертификат за познавање на англиски јазик и вториот факултет што го завршил Бојан Христовски.
Во минатото поголем број на функционери од Македонија беа одбиени за ваков сертификат од страна на НАТО.