Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) почна антикорупциска проверка на Законот за угостителска дејност, на Законот за заштита и спасување, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за локалната самоуправа како и на други материјални закони, со цел, како што велат оттаму, да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над истите.
Како што соопшти денеска ДКСК, антикорупциската проверка на законите како процес подразбира целосна и систематска проценка на правните прописи за да се идентификуваат можности за злоупотреба, конфликт на интереси, нејаснотии и празнини во законите кои би можеле да поттикнат коруптивни практики.
„Како основни резултати од антикорупциската проверка очекуваме зајакнување на превентивниот пристап и наместо да се реагира на коруптивните практики пост-фактум, да имаме проактивност со што ќе се овозможи законите да бидат ослободени од коруптивни ризици. Преку постапката ќе се направи и проценка на ризиците и ќе се анализираат специфични одредби кои може да создадат услови за фаворизирање, дискреционо одлучување или недостаток на транспарентност“, се наведува во соопштението.
slobodnaevropa.mk