Додека ширум Србија се протестира, Вучиќ најавува „движење за народот и државата“

„Генералниот штрајк“ во Србија, на кој повикаа студентите, затвори бројни локали и изнесе на улица илјадници луѓе. Клуч на врата ставија бројни продавници, ресторани, кафулиња, кина во многу градови. Паралелно, српскиот претседател организира партиски митинг и тврди дека Србија е нападната и однадвор и одвнатре.

Илјадници поддржувачи на владејачката Српска напредна партија (СНС) и нејзините коалициски партнери се собраа на партиски митинг во Јагодина, централна Србија, на 24-ти јануари.

На митингот беше најавено формирање на „движење за народот и државата“, кое треба да ги обедини владејачките партии и нивните поддржувачи.

„Сите сте добредојдени во движењето, движењето на големите промени“, порача српскиот претседател Александар Вучиќ.

Ваквото движење беше претставено дека ќе обедини луѓе кои имаат „различни политички мислења, спротивставени ставови, различни искуства, кои се во различни политички партии, како и оние кои никогаш не биле во ниту една партија и кои не биле заинтересирани за политика“.

 

 

slobodnaevropa.mk