Во чест и сеќавање на охридскиот поет и писател за деца, Тоде Илиевски денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ се одржа културен настан на кој беа доделени наградите од распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“.
Организатор на настанот е Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ со поддршка на Општина Охрид.
Во знак на почит, од страна на организаторите беше доделена благодарница на градоначалникот Кирил Пецаков, а примајќи ја како заменик-градонaчалник истакнав дека Општина Охрид во континуитет ќе продолжи да ги помага ваквите настани кои ја збогатуваат културната програма во градот.
Упатив честитки за идејата и реализацијата на конкурсот, со надеж дека истиот ќе прерасне во традиционален.
Конкурсот за избор на необјавена песна за деца, беше распишан како начин да се оддаде почит на Тоде Илиевски, охридскиот поет и писател, кој зад себе има оставено трајни вредности, посебно во книжевноста за деца.
Од пристигнатите 96 песни, жири-комисијата во состав: Горјан Петревски, Николина Андова-Шопова и Живко Грозданоски, издвоија 3 најдобри песни, на кои им беа доделени пригодни награди.