Доказ за големата генијалност на Леонардо да Винчи, неговите белешки

Преполни со неверојатни цртежи и детални белешки, дневниците на Леонардо денес ни откриваат колку бил страствен да открие речиси сè, од човечката анатомија до изумот на летечката машина.

Леонардо да Винчи повеќето луѓе го доживуваат како уметник кој ги насликал некои од најпознатите ремекдела на светот – како што се енигматичната „Мона Лиза“ и „Тајната вечера“. Но, реално гледано овие дела се можеби најмалку вредни во споредба со другите придонеси што ги дал на светот. Како вистински ренесансен човек, тој се истакнал во многу области од архитектура преку наука и математика до инженерство.

Неговите тетратки исполнети се со бројни набљудувања, шпекулации и хипотези, од кои повеќето ќе бидат испитани и потврдени од независни истражувачи во наредните векови. Скицирал мотори и машини, кои во модерното време ќе послужат како инспирација и ќе ги постават основите на технолошкиот напредок. Ѕирнете во некои од неговите тетратки, кои прикажуваат напредни увиди, набљудувања и откритија, докажувајќи дека тој бил човек пред своето време.

Математичар

Леонардо често се обидувал да најде врски и обрасци кои ги изразувал преку математички пресметки. Особено го фасцинирале пропорциите на човечкото тело, за што најдобро сведочи човекот „Витрувије“, кој прикажува машка фигура во две положби со раширени раце и нозе внатре во круг и квадрат.

Леонардо на цртежот напишал како секој дел од телото е математички во пропорција со останатите: „Четири прсти се еднакви на една дланка; четири дланки се еднакви на една подколеница; … 24 дланки се еднакви на еден човек“. Во редовите може да се најде и едно од неговите уверување дека функционирањето на човечкото тело е аналогно на функционирањето на универзумот. „Човекот е модел на светот“, заклучил.

Го интересирал и Златниот пресек, т.е. математички однос дефиниран со односот 1 спрема 1,618… Во неговата недовршена скица на „Свети Јероним“, фигурата на аскета е врамена со точно поставен златен правоаголник, а експертите сугерираат дека математичкиот модел често се воочува и на портрети на млади жени, вклучувајќи ја и „Мона Лиза“.

Архитект

Цртежи и планови на згради исто така ги исполнуваат тетратките на Леонардо. Бил фасциниран од проблемот на архитектонската естетика – поврзана со пропорциите – како и од акустиката на црковните објекти.

Бил одлучен да открие структурна комбинација која ќе му овозможи на гласот на проповедникот да стигне до најоддалечениот агол на зградата, што го инспирирало да осмисли teatro da predicare, т.е. сала за предавање во форма на амфитеатар.

Затоа, не е изненадување што во 1515 година официјално бил назначен за главен архитект на францускиот крал Франсоа I. За потребите на владетелот, проектирал и воени утврдувања кои биле предвидени да издржат зголемена употреба на артилерија, создавајќи коси ѕидови со проширена основа.

Уште еден пример е проектот за мост нарачан од султанот Бајазит II, кој требало да се протега преку Златниот рог во должина од 275 метри и да има доволно висок лак за да може да поминуваат бродови под него. Леонардо смислил вакво решение, но султанот го одбил предлогот бидејќи сметал дека е невозможно да се спроведе такво нешто. Сепак, современите архитекти во 2001 година докажаа дека султанот погрешил.

Научник и пронаоѓач

Во раните 1490-ти, Леонардо двапати ги посетил италијанските Алпи. Таму бележел набљудувања и правел скици на растенија, животни и природни појави. Како резултат на овие патувања, создадени се цртежи на грмотевици кои точно ја опишуваат насоката и јачината на надолното струење.

Исто така, испитувал фосили и геолошки формации, но започнал и некои од првите научни шпекулации кога станува збор за геологијата и природата. Некои од неговите цртежи на карпи јасно покажуваат слоеви од различни геолошки епохи, што го навело да шпекулира за многу постарото потекло на Земјата. Додека живеел во Милано, започнал со истражување посветено речиси исклучиво на оптика, т.е. однесувањето на светлината.

Многумина велат дека има само неколку современи пронајдоци кои не се инспирирани од скиците на Леонардо. Во оваа област најмногу се интересирал за уредите со помош на кои човекот може да лета – многу пред концептот на летечка машина да стане реалност. За време на неговото долгогодишно истражување, тој направил над 500 скици на летечки машини.

Опседнат со анатомијата на човечкото тело

Човечкото тело го фасцинирало, па не е изненадување што ги забележал своите набљудувања на анатомијата на човекот во цртежи и белешки – кои откриле детали никогаш претходно запишани.

Две човечки дисекции се покажале особено значајни, првата на старец кога ја опишал атеросклерозата и опструкцијата на артерии – дијагноза на срцева болест воспоставена стотици години пред лекарите да ги препознаат симптомите. Речиси во исто време, Леонардо извршил обдукција на дете и открил дека истите крвни садови немаат опструкции, но и дека ѕидовите се еластични, што го навело да заклучи дека опструкцијата на артериите и блокирањата се поради старост.

 

 

porta3.mk