Доналд Трамп вети драстично намалување на доселувањето

Чартер лет со 59 жители на Јужноафриканската Република слета пред неколку дена на меѓународниот аеродром Далес, во близина на Вашингтон. Сите 59 патници се белци, меѓу нив и цели семејства. Не станува збор за туристички чартер, туку за доселување во САД, организирано лично под покровителство на претседателот Доналд Трамп. Тој уште во февруари најави програма за прифаќање на бегалци од Јужна Африка — белци кои, според негово убедување, се жртви на расизам во својата татковина.

„Геноцид во Јужноафриканската Република“
Трамп со ова очигледно реагираше на новиот закон кој кон крајот на јануари го донесе претседателот на Јужноафриканската Република (ЈАР), Сирил Рамафоза, а кој се однесува на одземање приватна земја со можност за компензација. „Во Јужноафриканската Република се одвива геноцид“, изјави Трамп.

Но, за социологот Теса Думс од тинк-тенкот „Ривонија Сиркл“ во Јоханесбург, ваквиот развој е причина за загриженост. „Овој став се темели на лаги и нема врска со реалноста“, изјави таа за Дојче Веле. „Наративот за геноцид врз белото население кружи во оваа заедница веќе повеќе од 15 години“, вели Думс. Таа алудира на Бурите, кои зборуваат африканс и се потомци на холандски и други европски доселеници. Денес тие сочинуваат околу седум проценти од населението во ЈАР.

И оваа заедница страда од високата стапка на убиства што преовладува во земјата, но, статистички гледано, најголем дел од жртвите се црни жени.

Нема прогон на бели фармери
Јужноафриканскиот министер за надворешни работи, Роналд Ламола, вели дека нема систематски прогон на белото население во земјата. „Тоа го потврдуваат и статистиките и полициските извештаи“, истакна министерот.

Исто така, како што додава Думс, не се спроведува ниту вистинска реформа на земјоделските имоти, иако, според неа, црното население со векови било лишено од земја поради расистичките колонијални политики.

И денес, околу четири петтини од приватното земјоделско земјиште се во сопственост на белци. Станува збор за земја која била стекната во време на колонијализмот и апартхејдот. Трамп и неговиот советник Илон Маск, кој и самиот потекнува од ЈАР, го прикажуваат новиот закон како обид за конфискација на имоти од страна на белците.

Властите во Преторија ги отфрлаат ваквите тврдења, укажувајќи дека и други држави во светот, вклучително и САД, имаат слични законски механизми кои овозможуваат национализација на приватен имот со компензација, доколку тоа е во јавен интерес, како на пример за изградба на патишта.

Политиколозите Зајнаб Усман и Ентони Карол од американскиот тинк-тенк „Карнеги Ендаумент“ го гледаат новиот закон како обид за надминување на историските нееднаквости.

Во разговор за Дојче Веле, Карол посочува дека владејачката партија Африкански национален конгрес (АНК), која од минатата година по првпат од крајот на апартхејдот во 1994 нема апсолутно мнозинство, го протуркала законот без консултација со другите партии. Сепак, додава тој, уставот сè уште гарантира заштита од произволно одземање имот.

 

 

DW