Изненадувачката иницијатива на американскиот претседател за ставање крај на војната во Украина го врати на дневен ред прашањето кое тлее уште од првиот мандат на Доналд Трамп: неговата повеќе или помалку јасно формулирана закана дека САД би можеле да се повлечат од НАТО и од своите обврски, оставајќи ги Европејците сами.
Британскиот премиер Кир Стармер одговори на овие грижи и најави зголемување на трошоците за одбрана на неговата земја до 2,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) до 2027 година. Во моментов, трошоците за одбрана на Велика Британија изнесуваат 2,3 отсто.
По ова зголемување треба да следи дополнително зголемување. Тоа е во согласност со новата улога што Велика Британија треба да ја преземе во меѓународната заедница. „Оваа инвестиција значи дека Велика Британија ќе ја зајакне својата позиција како лидер во НАТО и колективната одбрана на нашиот континент.“
Во Германија, каде штотуку е сменета актуелната влада, сѐ уште нема конкретни чекори. Откако, најверојатно новиот шеф на владата, Фридрих Мерц (ЦДУ) прво ја отфрли брзата реформа на должничката сопирачка, дебатата во Берлин продолжува. Можно е новата влада да одлучи да ги ублажи правилата за задолжување или да основа уште еден специјален фонд.
Закана од Исток
Досега, европските партнери во НАТО се потпираа на САД, како најголем и економски најсилен партнер, да го носат главниот товар и да се помагаат меѓусебно во одбраната од воени закани или напади.
Од оваа страна на Атлантикот, сега се размислува како да се одговори на можниот крај на Северноатлантскиот пакт. Иако, вели Рафаел Лос, експерт за одбрана и безбедност во Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), во моментов не е проблем што „руските трупи ќе стојат утре пред Берлин“, тој за ДВ изјави дека вистинска опасност е „што Русија има за цел да ги растури НАТО и ЕУ за да може да ја искористи својата воена доминација на европскиот континент“.
И бриселскиот тинк-тенк Бригел предупредува на можен „руски напад врз земја од Европската унија. Проценките на НАТО, Германија, Полска, Данска и балтичките земји укажуваат дека Русија е подготвена за напад во рок од три до десет години“. Ова произлегува од моменталната оценка на Бригел од 21 февруари.
„Предизвикувачка игра со бројки“
Истражувачкиот центар наведува што ќе биде потребно за Европа да избегне да биде беспомошна во случај на повлекувањето на САД од трансатлантскиот одбранбен пакт. Станува збор за замена за „борбените бригади, бродови, авиони и така натаму“ кои САД уште би ги ставиле на располагање. Од друга страна, станува збор за „разузнавачки, комуникациски и лидерски способности кои се неопходни за употреба на големи и сложени воени формации“.
Прво, таканаречениот „хардвер“ е само „игра со бројки“, иако е „предизвикувачка“. Меѓутоа, второ, таканаречениот „софтвер“ на „Европејците им е потешко да го заменат“. Овде не се работи само за набавка на материјали и обука на нов персонал. Ќе мора да се создадат нови структури, а тоа ќе ја „чини Европа стотици милијарди евра и би траело многу години“.
Се уште има доволно за војната во Украина
Кога канцеларот Олаф Шолц зборуваше за пресвртница по рускиот напад врз Украина, сојузната влада создаде „специјален фонд“ од 100 милијарди евра за финансирање на обновување на Бундесверот, кој со години беше запоставен.
Тоа сè уште не е целосно потрошено, но веќе е испланирано, вели експертот за одбрана Лос. Покрај тоа, „се користеше за започнување итни набавки, со цел истовремено да се овозможи постепено зголемување на редовниот буџет за одбрана. Меѓутоа, тоа не беше постигнато во изминатите три години“.
DW