Доцна синоќа избувна пожар во станбена зграда во скопската населба Кисела Вода

Доцна синоќа избувна пожар во станбена зграда во скопската населба Кисела Вода, спроти општинската зграда. Огнената стихија целосно уништи еден стан, а неколку други беа зафатени од пламените јазици, принудувајќи ги жителите на итна евакуација.

На терен веднаш излегоа противпожарните служби на Скопје, кои по неколкучасовна борба со пожарот успеаја да го стават под контрола и да спречат негово ширење. Во акцијата учествуваше и полицијата, а според првичните информации, за среќа нема жртви, но има повредени.

Градоначалникот на Кисела Вода со својот тим беше на местото на настанот и им понуди засолниште на погодените семејства. Евакуираните жители ноќта ја поминаа во просториите на општината, каде што им беше обезбедено топло прибежиште и основна поддршка.

„Не ги оставаме нашите сограѓани сами во оваа ситуација. Утрово почнуваме со активности за да им помогнеме да ја надминат оваа несреќа“, изјави градоначалникот, упатувајќи благодарност до противпожарните екипи, полицијата и граѓаните кои покажаа солидарност во критичните моменти.

Причините за пожарот се сè уште непознати, а надлежните служби денес ќе вршат увид за да ја утврдат материјалната штета и можните причини за избувнувањето.

4news.com