Со цел следење на квалитетот на воздухот во околината на локацијата каде се изведува проектот за ремедијација на линданот во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје (мала депонија), поставени се 2 мониторинг станици. Целта е да се следат евентуални нарушувања на квалитетот на воздухот надвор од ОХИС – за локалното население и да се преземат дополнителни мерки на заштита ако дојде до надминување на граничните вредности.

Според стандардните постапки за следење на концентрациите на различните HCH изомери во воздухот, истиот се собира на полиуретанска пена (PUF), со помош на пумпа за воздух со познат проток во текот на една недела, а потоа се врши анализа на количествата на НСН изомерите на PUF-от и се пресметуваат просечни концентрации на истите во воздухот за мерниот период. Мерењата се вршат во акредитирана Лабораторија за хроматографски анализи при Природно-математички факултет, Институт за Хемија во Скопје / Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ од страна на стручни лица со современа опрема.

Не постојат дефинирани гранични вредности за концентрација на линданот во националното законодавство, но затоа се користат веќе дефинираните гранични вредности развиени во рамките на Студиите за проценка на ризик за фабриката ОХИС изработени од реномирани консултантски компании, а се базирани на меѓународни гранични вредности за квалитет на воздух при ремедијација на локации со линдан.



FB страна ДИЖС