Потребна е ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои во Нацрт-извештајот на Европската комисија за Македонија, во кој РСЕ имаше увид. Добро е оценета работата на Антикорупциската комисија.
Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми, стои во нацрт-извештајот на Европската комисија што треба да се објави утре, а во кој Радио Слободна Европа имаше увид. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.
Во извештајот се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичката поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.
„Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“, стои во извештајот.
Охридскиот договор продолжува да се спроведува, а меѓуетничките односи се оценети како стабилни.
МИА