Една година по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ – случајот се уште е мистерија!

Точно една година помина од исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во Бањско Поле кај Бор во Србија.

Тоа што започна како потрага по малото девојче, подоцна се претвори во ужасно убиство кое ја потресе Србија но и целиот регион.

На тој кобен 26 март, мајката Ивана Илиќ накратко ја изгубила од вид својата ќерка додека му давала вода на друго дете во дворот на семејниот имот во Бањско Поље. Исчезнувањето било пријавено многу брзо, а истата вечер за прв пат во Србија бил активиран системот „Најди ме“ . Пораки со опис на Данка беа испратени до сите мобилни телефони во земјава. Следеше масовна потрага; Стотици полицајци, пожарникари и волонтери ја пребаруваа областа, користејќи беспилотни летала, хеликоптери и камери за термална слика. И покрај огромните напори, девојчето не беше пронајдено.

Девет дена подоцна, на 4 април, дојде шок. Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека Данка е убиена и дека се уапсени две лица кои го признале делото. Осомничените Дејан Драгијевиќ (50) и Срѓан Јанковиќ (50), работници на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ Бор, набргу откако излегла од дворот, наводно ја удриле девојката со службеното возило „фиат панда“. Наместо да пружат помош, според наводите од истрагата што ги изнесе тогашниот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ, телото на девојчето го ставиле во багажникот и го однеле на дива депонија.

Полицијата извести дека во службеното возило биле пронајдени траги од крв. На првото рочиште во обвинителството во Заечар, Драгијевиќ го призна делото, додека Јанковиќ се бранеше молчејќи. На двајцата им е одредена мерка притвор за сторено кривично дело тешко убиство за кое е предвидена доживотна казна затвор. И покрај признанието и повеќекратните претреси на теренот за кои осомничените наводно и упатиле на полицијата, телото на Данка Илиќ до ден денес не е пронајдено. Се сомнева дека телото потоа било преместено од депонијата на друга, засега непозната локација.

Дополнителна сенка на целиот случај фрли и смртта на братот на осомничениот Драгијевиќ, кој исто така беше уапсен под сомнение дека помагал при преместување на телото. Само еден ден по сослушувањето на таткото и братот на осомничениот, на 7 април, полицијата во Бор извести дека Далибор Драгијевиќ починал од „природна смрт“ во полициската станица. Меѓутоа, обдукцијата наредена од обвинителството покажала дека смртта била насилна, последица на тепање.