Пред само неколку години Португалија, Италија, Шпанија и пред сѐ Грција беа проблематичните деца на Европската унија (ЕУ) и на еврозоната. Но тоа веќе не е така. Шпанскиот премиер Педро Санчез неодамна на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос го изрази своето уверување. „Ние на југот можеме да придонесеме и за решенија за заедничките проблеми.“
Тој зборуваше за можноста за производство и извоз на повеќе чиста енергија – во Шпанија ова е главно сончева енергија – во енергетската криза по руската инвазија на Украина. На овој начин, според Санчез, Шпанија треба да стане „најдобрата економија во светот“.
Германија создава поделба југ-север
Од паневропска перспектива, пак, ситуацијата воопшто не изгледа розово: економијата во еврозоната стагнира. Заедничкиот брутодомашен производ (БДП) остана на нивото од есенскиот квартал во последниот квартал од 2024 година, објави на крајот на јануари канцеларијата за статистика на ЕУ, Евростат. Во летниот квартал растот беше 0,4 отсто.
Нема доволно пареа за целиот воз
Најголемата економија во еврозоната слабее, а некогашните проблематични деца зајакнуваат – дали јужните земји ќе ја преземат улогата на локомотивата на ЕУ и на еврозоната во иднина? Економистот Габриел Фелбермајр на тоа не гледа така. Директорот на австрискиот Институт за економски истражувања за ДВ вели: „Не, тие не можат да го направат тоа, едноставно тие за тоа се премногу економски мали“.
Германија и Франција, според Фелбермајр, „веќе сочинуваат повеќе од 50 отсто од БДП во еврозоната. И овој индустриски силен северен блок вклучува земји како Австрија, Словенија, Словачка, а исто така и Холандија“. И тие не се единствените погодени. „Земјите кои не се членки во ЕУ, особено Чешка и до одреден степен Полска, исто така страдаат од слабоста на индустриското јадро на ЕУ“.
Високи цени на енергијата
Што е тоа што ги прави јужните земји од ЕУ толку силни, а силниот Север да изгледа толку застарен? За економистот Ханс-Вернер Син, поранешен шеф на минхенскиот институт ИФО, ова се должи на надворешни причини, како и на политички одлуки: „Во последниве години, Германија претрпе многу од енергетската криза, која беше предизвикана од комбинацијата на војната (во Украина) и недостигот на енергија што самата си го предизвика“.
Тој особено го критикува планираното постепено откажување од фосилните горива за сметка на зелените извори на енергија. Притоа, „ЕУ и Германија го загубија чувството за пропорција и рамнотежа. Резултатот од овие интервенции доведе до тоа нашата земја сега да има највисоки цени на струјата во светот“.
Вернер Син за ДВ вели дека од тоа страда „особено хемиската индустрија“. Водечката германска индустрија, автомобилската, исто така е под голем притисок: „Правилата за потрошувачка на возниот парк поставени од ЕУ ѝ ја одзедоа конкурентноста на автомобилската индустрија“.
Предностите на јужните земји од ЕУ
На тоа слично гледа и Габриел Фелбермајр. Туризмот и земјоделството играат поголема улога во јужните земји, каде што има „значително помал индустриски удел во севкупното создавање на економска вредност. Повисоките цени на енергијата низ Европа, трговските војни, предизвиците на декарбонизацијата – сето тоа на југот едноставно влијае помалку отколку на северот.
Покрај тоа, тие имаат и „самосоздадена“ предност: од 2010 година, јужните земји имаат пониски стапки на инфлација од северните. „Ова е од корист за нивната конкурентност. Реформските напори по должничката криза на еврото вродија со плод. Тоа може да се каже и за Грција, Шпанија и Португалија“.
DW