Во понеделникот вечерта околу 21 часот, многу луѓе беа збунети околу причината за невообичаената светлина што се протегаше како блескава опашка низ темното небо. Феноменот можеше да се види во многу делови на Германија од езерото Констанц до Шлезвиг-Холштајн – забележан е и во Австрија и Италија и други делови од Европа. Најверојатно објаснување: лансирањето на ракетата Фалкон 9 (Falcon 9) од американската вселенска компанија SpaceX, за време на која издувните гасови достигнаа големи височини и беа осветлени од сонцето што заоѓа.
Метеорологот Доналд Бекер исто така ја дели оваа претпоставка: „Тоа беа остатоци од ракета на Илон Маск“, изјави тој во утринската програма на германскиот јавен сервис АРД. Всушност, Space X објави лансирање на ракета Фалкон 9 во американската сојузна држава Флорида рано во понеделникот вечерта. Според Бекер, при одвојувањето на деловите на ракетата, истекло гориво и се ширело во ротациона форма. Во мезосферата, горивото потоа замрзнало во ледени кристали кои беа осветлени од сонцето – „и затоа изгледаше толку одлично“.
И Марко Лудвиг од опсерваторијата Нојминстер, објасни дека вишокот гориво очигледно бил ослободен за време на искачувањето на ракетата. Формираниот облак, кој се чинеше дека се шири во спирала при ротацијата на ракетата, бил осветлен од сонцето што заоѓа на височина од 400 до 600 километри. Пред еден месец, светлосна трага по лансирањето ракета исто така го осветли ноќното небо над Германија. Како што тогаш објави портпаролот на Вселенската команда на Бундесверот, се работи за неконтролирано повторно влегување на дел од ракетата Фалкон 9 во атмосферата. Според Марко Лудвиг, таквите глетки би можеле да се случуваат почесто во иднина бидејќи SpaceX лансира повеќе ракети во орбитата.
DW