Ердоган го повика Путин веднаш да ги прекине нападите врз Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на итен прекин на огнот во Украина, во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

Кабинетот на турскиот претседател соопшти дека за време на едночасовниот разговор Ердоган го повикал Путин да ги запре нападите со цел да се решат хуманитарните проблеми и да се бара политичко решение за вооружениот конфликт кој почна пред 11 дена.

Турција има добри врски и со Русија и со Украина и се обиде да дејствува како посредник меѓу двете страни. Турција ги повика двете земји следната недела да учествуваат на дипломатски форум во Анталија.