Ердоган: „Имаме сопствен природен гас“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази надеж дека Туркије во иднина ќе има доволно нафта за да ги задоволи сопствените потреби, јавува Анадолу.

Ердоган вчера, преку видеолинк, се вклучи на свеченото отворање на Мостот на шехидите од 15 јули во турскиот град Адана.

Тој истакна дека деноноќно работат на обезбедувањето помош и поддршка на луѓето во областите погодени од земјотресот на југот на Туркије, вклучително и Адана.

Како што рече, благодарение на 650.000 нови домови што ќе се изградат во рок од една година, градовите во регионот погодени од разорните земјотреси повторно ќе оживеат.

„Нашиот народ добро знае дека нема вложувања и производство без инфраструктура, како и вработувања и секогаш нè поддржува во тоа 21 година“, рече Ердоган.

Тој особено ја нагласи важноста на инвестирањето во областа на енергетиката.

„Имаме сопствен природен гас и се надевам дека во не така далечна иднина ќе ги дочекаме деновите кога ќе имаме доволно нафта за да ги задоволиме нашите потреби“, рече турскиот претседател.

Ердоган минатата недела изјави дека целосниот капацитет на експлоатацијата на црноморскиот гас ќе надомести речиси 30 отсто од вкупните потреби на Туркије.

Говорејќи на церемонијата на пуштање во погон на црноморското наоѓалиште на природен гас, Ердоган рече дека Туркије „прави историски чекор кон енергетска независност.“

Во август 2020 година, 320 милијарди кубни метри природен гас беа откриени во бунарот Туна-1 во гасното поле Сакарија во Црно Море, што претставува најголемо откритие на тој енергент во историјата на Туркије.

Со дополнителни 85 милијарди кубни метри откриени во октомври 2020 година, вкупната количина откриени резерви на гас изнесува 405 милијарди кубни метри.

По откривањето на 135 милијарди кубни метри во бунарот Амасра-1 во јуни 2021 година, резервите на црноморски гас изнесуваат 540 милијарди кубни метри.

Уште 58 милијарди кубни метри гас се пронајдени во декември 2022 година во бунарот Кајкума-1 во југозападниот дел на Црно Море.

Независната процена покажа дека турските резерви на гас во Црното Море ќе достигнат 710 милијарди кубни метри, со пазарна вредност од околу билион долари.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.