ЕУ без „мотор“ пред враќањето на Трамп

Доналд Трамп им се закани на Европејците уште пред (повторно) да ги преземе должностите на американскиот претседател на 20 јануари. Трамп рече дека ќе воведе високи царини за европските производи, ќе ја намали американската помош за Украина и ќе започне дискусија за тоа како НАТО треба да се финансира во иднина.

Со оглед на претстојните турбуленции, би било важно 27-те земји-членки на Европската унија (ЕУ) во оваа ситуација да покажат единство и да зборуваат на ист јазик. Но, реалноста е поинаква: кога Трамп ќе се врати во Белата куќа, Германија и Франција ќе го пречекаат со нестабилни влади.

Двете земји често се нарекуваа „мотор на Европската унија“ – тие се членки на Унијата со најголемо население и најголеми национални економии на ЕУ.

Малцински влади
Во Германија, актуелната влада на сојузниот канцелар Олаф Шолц ја сочинуваат Социјалдемократите (СПД) и Партијата на зелените. Тоа е малцинска влада – повеќе нема свое мнозинство во Бундестагот. Кон крајот на февруари (23.02) се одржуваат предвремени избори и по нив, очекувано, би можело да се врати политичката стабилност.

Ако се суди според досегашните анкети, ниту една партија нема да освои апсолутно мнозинство на изборите и затоа е веројатно дека по изборите ќе се преговара за формирање на владејачка коалиција. Сè на сè, може да се каже дека откако Трамп ќе продолжи со претседателството, ќе поминат најмалку два месеци пред Германија да добие нова влада.

Во Франција, фазата на нестабилност ќе трае уште подолго: во согласност со Уставот, нови избори може да се одржат најрано во јули 2025 година, а потоа во Франција, динамиката на политичките настани ќе биде „диктирана“ од резултатите на последните избори во јули 2024 година – на кои не беше искристализирана опцијата јасно мнозинство, трите политички блока се приближно подеднакво силни, што го отежнува формирањето стабилна влада.

Тие се десничарскиот популистички Национален собир, левичарскиот Нов народен фронт, а во центарот партијата на државниот претседател Емануел Макрон,- Заедно за Републиката со нејзините сојузници.

Кавга за пари
Конзервативниот премиер Мишел Барние неодамна неуспешно се обиде да го „протурка“ нацрт-буџетот во парламентот во Париз. Поради тоа дојде крајот на неговата влада. Тоа беше на 4 декември, откако му беше изгласана недоверба во парламентот. На 13 декември, претседателот Макрон го назначи центристот Франсоа Бајру за нов премиер и му даде мандат да формира нова влада.

И во Германија владата се распадна поради спор околу буџетот. И така двете најголеми земји на Европската унија влегоа во новата година без усвоен буџет за 2025 година.

„Она што дополнително ја влошува ситуацијата: во однос на државните финансии, сите најголеми национални економии во ЕУ следат сосема спротивен курс“, вели Карстен Брзески, главен економист на ИНГ-банка за еврозоната, во интервју за ДВ.

 

 

 

DW