ЕУ ги обнови санкциите за Русија

Европската унија (ЕУ) денеска (27 јануари) се согласи да ги продолжи своите санкции против Русија поради војната во Украина, откако Унгарија се согласи на потегот по неколкунеделниот застој, пренесува агенцијата АФП.

„Министрите за надворешни работи на ЕУ штотуку се согласија повторно да ги продолжат санкциите кон Русија. Ова ќе продолжи да ја лишува Москва од приходите за финансирање на нејзината војна“, напиша шефицата за надворешни работи на блокот, Каја Калас, на платформата X.

Инаку, 27-те членки на ЕУ треба едногласно да се согласат за продолжување на санкциите на секои шест месеци, а следниот рок се наближуваше на 31 јануари.

Унгарија, една од најпријателските земји за Русија во ЕУ, ги налути другите земји-членки со одбивањето да даде зелено светло за последното продолжување.

Будимпешта најпрво рече дека сака да почека дo инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, за да се изјасни.

Откако тоа помина, премиерот Виктор Орбан потоа инсистираше Брисел да ја притисне Украина повторно да го отвори гасоводот што води кон Централна Европа.

 

 

slobodnaevropa.mk