Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека „војната на Русија против Украина“ влијае на глобалната безбедност и додаде дека ЕУ подготвува нов пакет санкции кон Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Борел на својот профил на социјалните мрежи објави, „Работиме на шестиот пакет санкции чија цел е да се отстранат повеќе банки од СВИФТ, на листата да се стават дезинформаторите и да се справиме со увозот на нафта. Овие мерки ќе бидат доставени до Европскиот совет на одобрување.“
Според вестите на западните медиуми, Европската комисија во шестиот пакет санкции се подготвува да предложи руските банки „Москва кредитна банка“ и „Руската земјоделска банка“ да бидат отстранети од системот СВИФТ, кој обезбедува меѓународен трансфер на пари.
Се наведува дека во пакетот санкции може да биде вклучена и „Сбербанк“, една од најголемите банки во Русија. ЕУ и САД во рамките на прифатените координирани пакети санкции, претходно отстранија некои руски банки од системот СВИФТ.
Новиот пакет санкции на ЕУ би можел да вклучи и намалување на увозот на нафта од Русија, со воведување забрана за увоз до крајот на годината.
Сепак, неколку земји од ЕУ се противат на прекинот на рускиот извоз на нафтата.
Петер Сијарто, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, потенцирајќи дека 65 отсто од потребите за нафта на Унгарија ги задоволуваат од Русија, истакна: „Отворено кажуваме дека за обезбедување на енергетската безбедност на земјата потребни се конкретни чекори од наша страна. Затоа, не гласаме за санкции кои во Унгарија ќе ја ограничат испораката на гас и нафта од Русија.“
извор: Агенција Анадолија (АА).