ЕУ и Бугарија нудат болничка помош за повредените

Расте трагичниот биланс – загинати се 59 лица, од кои идентификувани се 35 лица. Од нив 31 лице биле од Кочани и 4 од Штип, на возраст од 14 до 15 години. Бројот на повредени е 155 лица кои се хоспитализирани во повеќе болници во државата. Животот го загубил и полициски службеник од Пробиштип, кој ноќта бил на работна задача во дискотеката – во контрола за евентуално откривање дрога и присуство на малолетни лица. Истиот требало да биде награден како најдобар полицаец во Пробиштип и на територијата на СВР Штип, признание, кое за жал, ќе му биде постхумно доделено.

Ова е билансот од трагедијата во Кочани кој на пладневната прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Како што изјави министерот, со над 10 лица биле извршени разговори, а била распишана и централна потерница по 4 лица, чиј идентитет не го соопшти во овој момент.

Претходно државниот јавен обвинител изјави дека се врши распит на приведени лица во врска со организацијата на концертот на групата ДНК во опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани. Меѓу повредените 18 биле во критична состојба.

„Се преземааат сите истражни дејствија, допрва ќе се утврдуваат причините. Можам да им гарантирам дека Обвинителството ќе спроведе брза истрага, ќе ангажираме вештаци од сите области, така што ќе ги видиме и причините и одговорноста “, изјави Коцевски.

Засега не е познато колку лица имало во диската во моментот на пожарот.

Бугарија подготвена за прием на повредени
Регионалните и светски медиуми од час во час информираат за големата трагедија во Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски е во контакт со повеќе негови странски колеги и, кои изразија сочувство за загинатите и понудија помош.

Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов во телефонски разговор со македонскиот премиер изразил сочуство до роднините на загинатите. Како што изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков, Бугарија понудила помош за лекување на настраданите.

„Наредив целосна подготвеност за прием во клиничките бази во градовите Софија и Варна. Бугарските воздухопловни сили се подготвени да ги превезат оние на кои им е потребно лекување“, изјави Росен Желјазков.

Сочувство изрази и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој порача дека Грција е подготвена за каква било помош.

„Искрено сочувство до народот на Северна Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време“, напиша Мицотакис.

 

 

DW