Европската унија (ЕУ) повика да се почитува правото на демонстрации во Србија пред големиот антикорупциски протест во Белград закажан за 15 март и соопшти дека „насилството мора да се избегне“, додека тензиите се зголемуваат, јави агенцијата АФП.
„ЕУ внимателно ја следи актуелната внатрешно-политичка ситуација во Србија“, се вели во соопштението објавено од делегацијата на унијата во Србија.
„Слободата на собирање е основно право што треба да се заштити и да се користи на мирен начин, додека безбедноста на учесниците и институциите треба да се обезбеди. Насилството мора да се избегнува“, се додава во соопштението.
Десетици илјади демонстранти се очекува да се соберат во сабота во Белград, а земјоделците, наставниците и другите цивили треба да се приклучат на митингот што е дел од движењето чија цел е длабоко вкоренетата корупција во балканската нација, јави АФП.
Протестите предводени од студентите се разгореа по уривањето на покривот на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, при што 15 лица загинаа, а двајца беа тешко повредени. Тоа се случи четири месеци по свеченото отворање на реконструираната зграда на Железничката станица.
slobodnaevropa.mk