Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска официјално објави дека му изрекува двегодишна забрана за настап во меѓународните натпреварувања на грчкиот ракометен клуб АЕК, поради одбивањето да го одигра реванш натпреварот во финалето на Европскиот куп против македонскиот тим Алкалоид во Скопје.
И покрај тоа што допатуваа во главниот град на Македонија, ракометарите на АЕК одбија да се појават на теренот во салата „Борис Трајковски“ на 25 мај, изразувајќи незадоволство поради, како што наведоа, недоволен број влезници за гостинските навивачи.
Покрај двегодишната суспензија, на АЕК му е изречена и парична казна во висина од 20.000 евра. Одлуката на ЕХФ предвидува и казна за македонскиот клуб – Алкалоид ќе треба да плати 5.000 евра поради тоа што не ја испочитувал обврската да му обезбеди на АЕК договорениот број билети за гостинските навивачи.
Првиот натпревар од финалето се одигра во Атина, каде Алкалоид славеше со 29-25. Со оглед на тоа што реваншот не се одигра, ЕХФ на 5 јуни го регистрираше мечот со службени 10-0 во корист на македонскиот тим и му ја додели титулата во Европскиот куп.
Со оваа одлука, случајот што ја засени завршницата на натпреварувањето доби епилог, а Алкалоид и официјално останува шампион на Европскиот куп за сезона 2024/25.