Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска официјално соопшти дека ги предала сите релевантни информации што ги поседува на своите правни тела и побарала покренување на судски постапки против клубовите РК Алкалоид и АЕК Атина. Оваа одлука следува по неодиграното реванш-финале во рамки на ЕХФ Европскиот Куп, кое требаше да се одигра викендов во Скопје.
Како што наведуваат од ЕХФ, документите доставени до дисциплинските органи се однесуваат на два клучни моменти – начинот на кој бил дистрибуиран ограничен број билети за гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид и одлуката на АЕК Атина да не излезе на теренот и да го бојкотира натпреварот.
„Од двата клуба е побарано да достават изјави и дополнителни информации кои ќе бидат разгледани во рамки на постапката. За исходот ќе информираме по донесувањето на конечната одлука“, стои во официјалното соопштение на ЕХФ.
Реванш натпреварот, кој требаше да одлучи кој ќе го подигне трофејот во ова европско натпреварување, беше откажан непосредно пред почетокот поради одбивањето на грчкиот тим да излезе на терен, наведувајќи причини поврзани со безбедноста и третманот на нивните навивачи.
Инцидентот фрли сенка врз финалето, кое наместо празник на ракометот се претвори во меѓународен спортски скандал. Сега останува да се види какви санкции ќе произлезат од иницираните судски постапки и дали ЕХФ ќе донесе преседан во однос на решавањето на ваквите ситуации.