Со голема помпа пред неколку години беше најавено јавното приватно партнерство на Министерството за здравство со болницата „Жан Митрев“ за операции на деца до една година со најтешки срцеви мани. За таа цел тимот од Клиниката за детска хирургија кој го предводеше доктор Владимир Чадиковски премина во приватната болница. Но, соработката прва од ваков вид, не траеше долго. По само шест месеци Чадиковски во август 2019 даде отказ од Жан Митрев и премина во Систина.
Чадиковски е единствениот доктор во земјава кој има лиценца за детска кардиохирургија, а прашањето дали болницата „Жан Митрев“ смее да извршува вакви операции, остана отворено.
Чадиковски со својот тим во февруари 2019 година од јавното здравство премина во приватното во „Жан Митрев“. Министерството за здравство на 1 март истата година издало решение за продолжување на дозволата за работа на „Жан Митрев“ во кое се наведува дека болницата ги исполнува условите во однос на опремата, просторот и кадарот за сите дејности кои ги извршува, меѓу другото и за детска кардиохирургија за што има и склучено договор со Фондот за здравствено осигурување-ФЗО. Во делот на стручниот кадар, во документот до кој дојде РСЕ, каде се испишани сите имиња, само Чадиковски е наведен како специјалист по детска хирургија и субспецијалист по детска кардиохирургија.
„Различни концепти имавме како треба да функционира детска кардиохирургија. Апсолутно немаше никаков личен анимозитет. Значи нема никаква лична причина. Строго е заради идејата и замислата како треба да функционира одделот“, вели Чадиковски за причините за неговиот отказ.
Во Законот за здравствена заштита се дефинираат условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствена установа. Во однос на потребниот кадар само се наведува дека здравствената установа треба да има определен број здравствени работници во зависност од видот на здравствена дејност, односно специјалност. Никаде во законот не се спомнува терминот субспецијалност.
Државната комисија за спречување на корупција-ДКСК по своја иницијатива по заминувањето на Чадиковски отвори предмет за случајот. Оттаму утврдија дека законот овозможува во мрежата на здравствени установи да функционираат и такви кои имаат само дозвола за работа, но не и лиценца, како и при отворање на клиничка болница во потребни услови не се предвидени лиценци за специјализираните доктори. Ефектот од тоа, според ДКСК, е функционирање на клиника без лиценца и без лиценцирани доктори.
Радио Слободна Европа