Покраинскиот суд во Келн му забрани на дисконтниот ланец „Алди Југ“ да го продава неговото Дубаи-чоколадо. Според судот, како „Дубаи-чоколадо“ смее да се означува само продукт кој е произведен во Дубаи или кој има некаква друга географска врска со Дубаи. Во спротивно, се заканува опасност потрошувачите да бидат доведени во заблуда.
„Алди Југ“ од декември минатата година во своите продавници нудеше „Алјан Дубаи рачно изработено чоколадо“. Чоколадото е произведено во Турција, како што стои на задната страна од пакувањето. Сепак, од гледна точка на судот, оваа индикација не е доволна. Поради името, потрошувачите можат да претпостават „дека производот всушност бил произведен во Дубаи и увезен во Германија“, се вели во одлуката.
Тужбата ја покрена увозникот на кондиторски производи Андреас Вилмерс, кој во Германија продава чоколадо од брендот Фекс, произведено во Дубаи. Во случај на повторување на прекршокот, „Алди Југ“ се соочува со парична казна. Компанијата засега нема коментар за случајот. Одлуката сè уште не е правосилна, односно „Алди Југ“ сè уште може да поднесе приговор.
Во декември, Вилмерс испрати опомена и до дисконтниот ланец „Лидл“ и кондиторскиот производител „Линд“ поради продажбата на чоколадото од Дубаи. За оваа постапка сѐ уште нема одлука. „Линд“ потоа објасни дека терминот „Дубаи чоколадо“ е ознака за чоколадо со типичен фил од кадаиф и фстаци, а не за чоколадо што доаѓа од Дубаи. Сојузното здружение на германската кондиторска индустрија соопшти дека чоколадото од Дубаи може да се произведува низ целиот свет.