„Задоцнета реакција“ – Протест во Кочани

Во Кочени денеска, 19 април 2025 година, се одржа третиот протестен марш насловен како „Задоцнета реакција“, а oрганизатори беа семејствата на настраданите во пожарот во „Пулс“.

Маршот започна од Паркот на револуцијата во Кочани, а демонстрантите потоа се упатија кон Трговскиот центар, Општината Кочани, полицијата и Основниот суд и обвинителство во Кочани.

На денешниот собир беше порачано: „Нашите деца беа убиени од алчноста – правдата мора да излезе на виделина“!

„Пулс од 2012 до 2025, истрага од 2025 до 2038, судење од 2038 до ???“, ова беше транспарентот со кој се предводеше протестот на родителите и семејствата чии блиски загинаа во клубот во Кочани. Тие маршираа низ градот, а пораките ги испратија преку транспарентите.

„Стоп за селективна правда“, пишуваше на еден од нив, а на друг пак се додава: „Коруптивниот систем ни ги уби децата“.
На последниот протест семејствата на настраданите искажаа незадоволство од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

Истрагата во тек

На 16 март во дискотеката „Пулс“, по големиот пожар загинаа 62 лица, а 193 беа повредени.

 

 

slobodnaevropa.mk