Заменикот државен секретар на САД во Белград: Американските санкции насочени се против Русија, а не против Србија

Санкциите се насочени против Русија, а не против Србија, порача американскиот заменик државен секретар за управување и ресурси Ричард Верма, јавува Анадолу.

Верма ги даде овие изјави денес во Белград по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ за многу теми, вклучително и санкциите наметнати од Соединетите Американски Држави (САД) против руските субјекти низ светот, вклучително и Нафтената индустрија на Србија (НИС).

„НИС е една од двете илјади компании. Целта е да се отстрани руската сопственост од нивната сопственичка структура и разговаравме со претседателот за тоа како да ја воведеме оваа промена во сопственичката структура. Нема да има економски последици за Србија ако руската сопственост во компанијата се отстрани“, рече Верма.

Тој порача дека Русија не вложува во иднината на Србија, со оглед на тоа што, како што рече, профитот од НИС не го користи за таа намена.

„Промената во сопственичката структура ќе помогне регионот да има повеќе мир и ние ќе помогнеме како партнер Србија да внесе разновидноист во сопствените извори на енергија и да биде независна во тој поглед“, рече Верма.

Посочи дека ја посетил Србија и поради партнерството во врска со многу теми, со цел да се постигне напредок во евроинтеграциите и Западен Балкан да биде во мир и стабилност.

Тој додаде дека разговарале и за стратешкиот дијалог, кој, како што рече, е формат за владите да се ангажираат за клучните теми на соработка како што се воената соработка, енергетиката и почитувањето на владеењето на правото.

Српскиот претседател Вучиќ од своја страна истакна дека на состанокот се разговарало и за санкциите против руските субјекти низ светот, вклучително и НИС, но дека Србија не била цел.

„Некаде околу 30 земји, според првичните пресметки, се погодени на различни начини од овие санкции или субјекти од тие земји, но секаде се работи за руски имот, капитал и интереси. Како што рече Верма, ние не бевме цел, иако тоа ќе ни биде слаба утеха“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека разговарале и за српско-американските односи и дека со Вашингтон ќе ја започнат темата за стратешкиот дијалог.

„Ова не е нешто што веројатно ќе го реши дијалогот, ниту ќе ги реши сите проблеми и несогласувања, особено во однос на Косово, но отвора значајни и големи можности за сите идни влади во Србија и за сите идни администрации во Соединетите Американски Држави“, рече Вучиќ.

Додаде дека за време на разговорите биле истакнати шест сфери, од меѓучовечките односи, поддршката за проширување на културните, образовните и професионалните размени, регионалните иницијативи, трговијата, инвестициите, билатералната соработка, доброто управување, владеењето на правото до енергетиката.

Американското Министерство за финансии вчера објави дека под санкции се бројни компании во Русија, но и пошироко.

Меѓу санкционираните е и НИС АД Нови Сад, која од 2008 година е во сопственост на руски Гаспром. Покрај НИС, санкционирани се и подружниците на Гаспром во Казахстан, Киргистан, Луксембург и Таџикистан.

Одлуките за санкции се во согласност со американската политика на таргетирање на руската економија по нелегалната анексија на Крим и војната против Украина.

извор: Анадолија