Започнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Една година по пожарот во Модуларната болница во Тетово започнува судењето за случајот . Судењето е закажано откако предметот беше распределен кај судијата Јордан Велковски, објави Основен суд Тетово. На 8 септември, минатата година во болницата во која се лекуваа пациенти заразени со Ковид-19 животот го загубија 14 лица. Обвинети се три физички и едно правно лице.

Двајцата првообвинети се товарат дека сториле тешки дела против општата сигурност, а третиот е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, додека обвинетото правно лице сторило две кривични дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, објави slobodnaevropa.mk.

Истрагата на тетовското обвинителство се однесуваше на надзорот и техничкиот прием на модуларната болница, од кои материјали е изградена, приклучоците за вода, снабдувањето на кислород и електрична енергија, стандарди за противпожарна заштита. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници беше доставен до обвинителството во средината на јануари.

Економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми заедно со директорот на Клиничката болница Фљорим Бесими по несреќата поднесоа оставка од функцијата.

Етеми ден по отворањето на ковид-центарот на 15 април изјави дека се утврдени грешки при изградбата, односно забелешките се однесувале на подот и неколку мали инфраструктурни грешки.

Тој по несреќата рече дека тогаш биле констатирани ситни пропусти, како поправка на подот во ходникот, инсталација на туш кабина или ставање заштитна ограда што, според него, било направено.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk.