Од утрово, како што и беше најавено, е прекинат транзитот на руски гас преку Украина кон централна Европа. Руската компанија Гаспром објави дека по украинското необновување на транзитниот договор нема ниту правни, ниту технички можности да продолжи да го испумпува гасот низ гасоводите во земјата. Валидноста на договорот потпишан на 30 декември 2019 година истече во 6:00 часот по средноевропско време, соопшти Гаспром.
Договорот овозможуваше рускиот гас да тече низ украинските гасоводи до централна Европа. Киев одлучи да го запре тоа за да ја отсече Русија од дополнителни приходи со кои Кремљ ја финансира и својата агресорска војна против соседната земја. Тоа е во национален интерес на Украина, објасни украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко. Запирањето тој го нарече „историски настан“.
Рутата преку Украина беше најстарата рута за гас за Централна Европа. Сепак, Русија продолжува да извезува гас преку гасоводот Турски тек на дното на Црното Море.
Портпаролка на Комисијата на ЕУ уште претходно јасно стави до знаење дека Европа е подготвена за запирањето. Европската гасна инфраструктура е доволно флексибилна за испорака на гас од неруско потекло во Централна и Источна Европа преку алтернативни рути, истакна таа.
И словачката влада во вторникот изјави дека е подготвена за запирање на протокот на руски гас. Резервоарите за гас се 100 отсто полни и има доволно резерви за новата година, соопшти Министерството за економија. „Би сакала да ги уверам сите луѓе и компании во Словачка дека сме подготвени за ова сценарио и дека во моментов не постои ризик од недостиг на гас“, изјави министерката за економија Дениса Сакова. Словачкиот премиер Роберт Фицо пак во петокот ѝ се закани на Украина дека неговата земја за возврат може да го прекине снабдувањето со електрична енергија.
Покрај Словачка, земјите како што се Чешка и Унгарија сè уште добиваа преку гасовод гас од Русија, за нив прекинот носи проблеми. Австрија, исто така, продолжи да добива значителен дел од својот природен гас од Русија. Сепак, земјата се чувствува добро подготвена за прекин на испораката благодарение на полните капацитети за складирање на гас и алтернативните патишта за увоз преку Италија и Германија.
DW