Засилени контроли од страна на АХВ на увезена вода од Косово поради присуство на бактерии

Од АХВ информираат дека лабораторискиот наод е добиен од Факултетот за ветеринарна медицина, при што било утврдено дека примерок од природна изворска вода „Ругове“ од 1,5 литар не ги исполнува безбедносните критериуми. Според Агенцијата, оваа вода не е во согласност со Правилникот за безбедност на пакувана вода, поради што сите следни пратки ќе подлежат на лабораториски тестирања пред да влезат во продажба.

Во меѓувреме, медиумите објавија известување од АХВ упатено до сите инспектори, со кое се наредува проверка на сите пратки со вода од Косово, без разлика на производителот. „За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци од Косово ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми“, соопштува АХВ.

Дополнително, Агенцијата најави дека ќе го зголеми интензитетот на инспекциите и на увозот на овошје и зеленчук, со цел зголемена безбедност на храната во земјата.

Во врска со ситуацијата, сопственикот на компанијата „Ругове“, Висар Келменди, за Радио Слободна Европа изјави дека продажбата на нивната вода во Македонија продолжува и дека проблемот бил со само еден примерок. „Имаше проблем две-три недели со една анализа, но потоа направивме уште десет тестирања во Македонија, Косово и во трета земја, кои потврдија дека водата е безбедна“, изјави Келменди.

Од компанијата дополнително соопштија дека резултатите од втората анализа во Македонија потврдиле дека водата е безбедна за пиење и ги исполнува сите стандарди. „Секоја интерпретација која го доведува во прашање квалитетот на нашата вода е неоснована“, се вели во нивното соопштение.

 

 

 

skopjeinfo.mk