ред 30-тина години имало околу 18.000 лекари, денес се меѓу шест и седум илјади. Само од јавното здравство на годишно ниво од земјата заминуваат од 200 до 250 лекари, а огромен е и одливот на медицински сестри и рентген техничари.
Иако од кадровски аспект јавното здравство одамна е со една „скршена нога”, грижата за оние кои остануваат во земјата не е на соодветно ниво, кога станува збор за вреднување на трудот.
„Со тапкање по рамо, и со благодарам, не се поминува месецот“, се жалат здравствените работници, кои незадоволството ќе го искажат во 10 часот пред Министерството за здравство.
Тие се револтирани затоа што пред распишувањето на изборите не се потпишал анексот на колективниот договор, со кој требаше да се зголемат платите на сите вработени во дејноста. Еден ден по Светскиот ден на здравјето, протестот го организира Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита поддржан од Сојузот на синдикатите на Македонија.
„Протестираме за да покажеме дека не отстапуваме од нашите барања за зголемување на платите на вработените во дејноста Бараме да се потпише Анексот веднаш по завршување на изборниот процес, но со дополнително соодветно зголемување на коефициентите на вработените согласно со зголемените трошоци на живот”, велат од ССМ.
Оттаму ги повикаа политичките партии кои претендираат да ја водат државата, како нивен иден социјален партнер да одвојат време да седнат со Синдикатот и да ги слушнат барањата.
„Ако не нѐ слушнат ќе се вратиме повторно и ќе се вратиме побројни“, порачуваат од ССМ.
Многу ветувања, малку решенија
Со непотпишувањето на анексот на Колективниот договор над 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласување на нивните плати со порастот на минималната. Иако политичките партии во изборните програми со години нудат решенија за унапредување на здравствениот сектор, состојбите во него не напредуваат, ама и не стагнираат, туку – назадуваат.
Во претседателската трка годинава учествуваат и двајца лекари, а едниот од нив, Арбен Таравари, вчера на Светскиот ден на здравјето, во Тетово организираше дебата со лекари и здравствени работници.
Според Таравари, за да се подобри состојбата на здравствениот систем треба да се работи во повеќе насоки истовремено – обезбедување здравствени услуги во руралните подрачја, децентрализирање на здравството и мотивирање на кадрите да останат во земјата. Вели дека има места каде што нема лекар и не се даваат медицински услуги, бидејќи лекари не прифаќаат – не им одговора или не се доволно платени за да работат во села, од кои некои претежно планински.
„Мислам дека ова е проблем за кој треба сериозно да разговараме меѓу себе, да субвенционираме или да платиме неколку пати повеќе за да ги мотивираме овие доктори”, вели Таравари.
Второ прашање е децентрализацијата на здравството, бидејќи над 60% од медицинските услуги до денес се даваат во болниците во Скопје. Проценката на Таравари дури може да звучи и скромно, со оглед дека лекари од некои клиники проценуваат дека дури 90% од медицинските услуги се даваат во Скопје.
DW