Здравјето на мечето кое изеде големо количество мед се подобри за само еден ден

Здравјето на младенчето од кафеава мечка во северозападната турска област Дузџе се подобри по еден ден откако консумираше големо количество „луд мед“ и се зашемети од него, јавува Агенција Анадолија (АА).

Кога шестмесечното мече било донесено во подружницата за Заштита на природата и на националните паркови откако изело големо количество од „лудиот мед“ вчера, било исцрпено и не можело да се движи, соопшти Мевлут Шанли Шимшек, управител на подружницата.

„Нашите тимови го однесоа на ветеринар, [кај кого] го започнавме процесот на лекување. Тоа е во многу добра здравствена состојба. Планираме да го вратиме назад во неговата природна средина кога [целосно] ќе закрепне“, изјави Шимшек за АА.

Жителите на Дузџе го пронашле мечето и загрижени за неговата состојба го однеле со камион кај локален ветеринар.

„Кога го прегледавме, видовме дека животното е во шок и има потреба од итно лекување“, рече ветеринарот Мурат Унлу.

Истакнувајќи дека здравјето на младенчето е подобрено, но дека лекувањето сѐ уште продолжува, Унлу рече: „Мечето е многу подобро во споредба со состојбата во која беше донесено. [Сега] Може да јаде и да оди. Кога мечето целосно ќе го поврати здравјето во наредните денови, ќе го вратиме кај неговата мајка.“

Бидејќи „лудиот мед“ е широко достапен во регионот, тој додаде, „Јас мислам дека мечето изело горчлив мед бидејќи е сѐ уште бебе и не можело да го знае тоа. Пчелите најверојатно го искасале. Како резултат на токсичноста на горчливиот мед и повредите предизвикани од пчелите, кај него се појавиле симптомите како халуцинација и шок.“

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).

видео на: Агенција Анадолија (АА).