Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на создавање на обединети европски воени сили, велејќи дека континентот мора да биде самостоен во услови на постојана закана од Русија и неизвесност за поддршката од САД, ситуација што тој ја опиша како „оваа нова реалност“.
„Мораме да ги изградиме вооружените сили на Европа така што иднината на Европа зависи само од Европејците, а одлуките за Европа се носат во Европа“, рече Зеленски во говорот на Минхенската безбедносна конференција на 15 февруари.
Во услови на загриженост во Киев и Брисел дека тие би можеле да бидат оставени настрана во напорите да се стави крај на руската инвазија на Украина, што ќе резултира со договор во корист на Москва, Зеленски повтори дека Украина и Европа мора да бидат вклучени во какви било преговори.
„Украина никогаш нема да прифати договори зад наш грб и без наше учество“, рече Зеленски.
„Истото правило треба да важи за цела Европа. Нема одлуки за Украина без Украина, нема одлуки за Европа без Европа“, додаде тој во својот говор.
Повикот на Зеленски дојде на годишната конференција на која, оваа година, доминираше прашањето за Украина и позицијата на новите американската администрација за завршување на војната, која однесе стотици илјади животи од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година.
„Ако Американците решат да одат на тој начин, намалувајќи го своето присуство, тоа не е добро, се разбира, тоа е многу опасно“, рече тој, зборувајќи на англиски.
slobodnaevropa.mk